Општина Неготино
ВО НАСЕЛБАТА ,, СААТ – КУЛА ,, СЕ ГРАДИ ГРАДСКИ ЗАБАВЕН ПАРК PDF Печати
   Со средства во висина од 2.500.000 денари обезбедени од Буџетот на општина Неготино во населбата ,, Саат – кула ,, интензивно течат градежните работи за подигање на нов градски – забавен парк во нашиот град. Според зборовите на градоначалникот Пане Трајков се очекува овој простор кој до неодамна претставуваше обична голина по завршувањето на работите да прерасне во место каде што жителите на населбата од сите генерации ќе можат во одмор и релаксација да поминуваат дел од своето слободно време. Предвидено е во склоп на градскиот забавен парк да се изгради фонтана, да се изградат пешачки патеки и постават клупи за седење, како и да се постават повеќе елементи за најмладите. Паралелно, мошне скоро се очекува да стартуваат и градежните работи на повеќенаменското игралиште во непосредна близина на забавниот парк кое ќе се гради со средства од Агенцијата за млади и спорт и кое е во состав на проектот за изградба на 100 маалски игралишта во нашата држава.
 
УЧЕСНИЦИТЕ НА ,, ВАРДАРСКАТА РЕГАТА,, ВО НЕГОТИНО PDF Печати

   Гемијата и 9 чамци со 70-мина гемиџии учесници во Врадарската регата која годинава се одржа по 12-ти пат кои тргнаа од Велес и за крајна цел имаа пристигнување во Гевгелија по логорувањето кај Криволак престојуваа и во Неготино. Тие беа пречекани од претставници на локалната самоуправа предводени од градоначалникот Пане Трајков кој на учесниците им посака мирно пловење и безбедно пристигнување на целта, а имаше и заинтересирани граѓани кои со одушевување го поздравија пристигнувањето на гемијата. Инаку, и оваа Вардарска регата имаше за цел да ја оживее традицијата, но и да потсети на големото дело на групата главно велешани кои под мотото ,, Се арчиме за Македонија ,, ги изведоа Солунските атентати за да го привлечат вниманието на светската јавност за состојбата во која тогаш се наоѓал македонскиот народ.

Повеќе...
 
ОПШТИНАТА ЌЕ ОТУЃУВА И ЌЕ ДАВА ПОД ЗАКУП ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ PDF Печати
   Четворица вработени во локалната администрација – Зоран Лазов – секретар на општина Неготино, Снежана Цветкова – раководител на одделението за урбанизам, Лилјана Нечева – советник во истото одделение и Александар Јованов – раководител на одделението за општи и правни работи го положија испитот спроведен од Министерството за транспорт и врски и се стекнаа со овластувања за  спроведување на постапки за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија со што е исполнет еден од условите содржани во член 89 од Законот за градежно земјиште чија примена стартува на почетокот од месец јули, оваа година. Покрај споменатиот услов, за да може општина Неготино да ги врши работите за располагање со градежното земјиште во сопственост на државата, треба да усвои едногодишна програма за работа во оваа област, да формира Комисија за спроведување постапки за јавно наддавање и да воспостави електронски систем за јавно наддавање за што од страна на ЗЕЛС веќе е изработен унифициран софтвер и истиот ќе биде ставен на располагање на сите општини во Република Македонија.
 
АКЦИЈА ЗА ДОБРОВОЛНО ДАРУВАЊЕ НА КРВ PDF Печати

     Во организација на Македонскиот полициски синдикат при Полициската станица во Неготино, а по повод 10-годишнината од загинувањето на нашиот сограѓанин – бранителот Коста Волкановски кој животот го загуби во воените дејства во 2001 година на Попова Шапка, во просториите на неготинската полиција се спроведе акција за доброволно дарување на крв. Над 40 припадници на Министерството за внатрешни работи се вклучија во акцијата давајќи сопствен придонес за нејзиното успешно спроведување и даруваа крв која во овие летни месеци е повеќе од потребна за надлежните институции. Меѓу другите, својата хуманост ја изрази и по 5-ти пат крв даруваше и градоначалникот на општина Неготино Пане Трајков кој ја искористи приликата да се задржи во краток разговор со припадниците на безбедносните сили. Претседателот на Полицискиот синдикат- Неготино Диме Михаилов истакна дека се планира оваа крводарителска акција да стане традиционална и да се реализира и во годините што доаѓаат.

 

 

 

Повеќе...
 
АСФАЛТИРАНИ СЕДУМ УЛИЦИ ВО НЕГОТИНО PDF Печати

    Во рамките на спроведувањето на годишната програма за уредување на градежното земјиште на подрачјето на општина Неготино работници на градежна фирма од Кочани извршија асфалтирање на две исклучително оштетени улици во градот -  Киро Крстев  и 8-ми Ноември  за кои стручните служби оценија дека е потребна итна интервенција. На улицата Киро Крстев  се изврши асфалтирање на вкупна површина од 2.600 метри квадратни или на 450 метри должни за што од Буџетот на општината беа издвоени средства во висина од 1.300.000 денари, додека на улицата  8-ми Ноември е асфалтирана вкупна површина од 2.150 метри квадратни или 350 метри должни со цена на чинење од 1.000.000 денари.

Повеќе...
 
ПРЕДАДЕН ВО УПОТРЕБА РЕКОНСТРУИРАН ЦЕНТАР ВО КРИВОЛАК PDF Печати

   На пригодна свеченост што се одржа во Криволак во употреба беше предадено новоизграденото и уредено централно подрачје во селото. Како што истакна во своето обраќање градоначалникот на општина Пане Трајков проектот ,, Градежно и урбанистичко уредување на централното подрачје во Криволак ,, е реализиран согласно Програмата за уредување на градежното земјиште на општината за што од локалниот Буџет беа издвоени средства во висина од 3,5 милиони денари. Во тие рамки, извршено е уредување на просторот, асфалтирана е улицата и извршено е поплочување на слободниот простор, поставени се тротоари, како и 16 канделабри кои ќе го осветлуваат просторот. Градоначалникот Трајков изрази уверување дека овој простор ќе стане место каде што жителите на Криволак ќе поминуваат дел од сопственото слободно време, а реализацијата на проектот ќе придонесе и за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Повеќе...
 
<< Почеток < Пред 291 292 293 294 295 296 297 298 299 300 Следно > Крај >>

Лист 299 од 314