Општина Неготино
Бизнисмени од Словачка на средба со градоначалникот Делков PDF Печати

  Претставници на фирмата Холдз консалтинг од Република Словачка заинтересирани да инвестираат во отворање сопствен бизнис на подрачјето на нашата општина, денеска остварија работна средба со градоначалникот на општина Неготино Тони Делков. Домаќинот на средбата, градоначалникот Делков, ги запозна гостите со личната карта на градот, со реалните проекти во општината во кои може да се инвестира, потенцирајќи ја притоа одличната местоположба на општина Неготино со патна и железничка инфраструктура во близина. Исто така, градоначалникот Делков ги запозна потенцијалните инвеститори од Словачка и со постоењето на 2 веќе подготвени за продажба индустриски зони со градежни парцели, како и други локации во општината за кои веќе е изработена целосна планска документација. Претставниците од Холдз консалтинг изразија задоволство од добиените информации и потенцираа дека во блиска иднина ќе остварат уште една работна посета на општина Неготино.

Повеќе...
 
Работна средба на градоначалникот Делков со амбасадорот на Унгарија Дукс PDF Печати

   Неговата Екселенција амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија д-р Ласло Дукс  денеска оствари работна посета на нашиот град остварувајќи притоа средба со градоначалникот на општина Неготино Тони Делков и неговите соработници. Средбата доаѓа како резултат на интензивирани активности на меѓународно ниво на градоначалникот Делков и остварување средби со претставници на амбасадите во нашата држава. На денешната средба од страна на неготинскиот градоначалник беше потенцирана одличната соработка со амбасадата на Унгарија која резултираше со добивање на 100 канти за отпадоци за потребите на граѓаните на општина Неготино кои се очекува да придонесат за подобрување на комуналната хигиена во градот и населените места, а стана збор и за потенцијалните можности за продлабочување на соработката и на економски план. Ова од причина што општина Неготино е збратимена со унгарската општина Наѓиката со која се остварува одлична соработка на повеќе нивоа и која ќе продолжи и во иднина. Инаку, во текот на наредните денови најавено е остварување работна средба на градоначалникот Делков со претставници на амбасадата на Република Словачка во Република Македонија.

Повеќе...
 
Со поставување асфалт се санираат ударните дупки на улици во Неготино PDF Печати

   Работници на изведувачот на работите градежната фирма „Изолација“ од Скопје, по налог на градоначалникот на општина Неготино Тони Делков и согласно Програмата за работа за тековнава година, интензивно работат на санирање на ударните дупки на улиците со поставување на нов слој асфалт. Активностите започнаа на главната улица Маршал Тито и во населбата Антигона на потегот од излезот кон Кавадарци и истите преку санирање на ударните дупки на најфреквентната улица во Неготино се движат кон централното градско подрачје. Со тековните работи планирано е со средства од Буџетот на општина Неготино да се санираат оштетувањата на улиците Маршал Тито, Антигона, Ленинова и Гоце Делчев, а ќе се продолжи и на други улици, со единствена цел да се обезбедат  услови за нормално и безбедно одвивање на сообраќајот, како за возачите, така и за пешаците. Парелелно со санирањето на ударните дупки со поставување асфалт, под надзор на стручните служби во локалната самоуправа, се врши и санирање на постоечките решетки и шахти на споменатите улици.

Повеќе...
 
Во ООУ „Гоце Делчев“ се гради нова летна училница PDF Печати

  Со цел за подобрување на условите за одвивање и следење на наставниот процес во адаптирани услови како за наставниците, така и за учениците, во училишниот двор на Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Неготино започна изградбата на нова летна училница. Според зборовите на директорот Петар Мантев, станува збор за објект по чие завршување ќе се создадат услови за одвивање на наставата во природа, покрај редовното следење на наставата во училниците и кабинетите. Летната училница ќе биде со површина од 24 метри квадратни, а средствата за нејзината изградба се обезбедени преку организирана донаторска вечер од страна на Ротари клуб Неготино. Според предвидената динамика за одвивање на градежните работи, се очекува летната училница да биде комплетно изградена до крајот на тековниот или почетокот на наредниот месец, по што истата ќе биде ставена во функција.

Повеќе...
 
Подготовки за санација на ударни дупки, решетки и шахти PDF Печати

   Во рамките на реализацијата на дел од Програмата за работа на општина Неготино за 2018-та година, започнаа подготвителни активности на неколку улици во градот на кои ќе се врши санирање на ударните дупки, решетки и шахти. Активности се присутни на излезот од Неготино кон Кавадарци, во населбата Антигона, како и на други улици за кои од страна на стручните служби е оценето дека е потребно да се интервенира. Така, со тековните работи ќе се санираат ударните дупки, решетките и шахтите на улиците Маршал Тито, Антигона, Ленинова и Гоце Делчев, а работите ќе продолжат и на други улици во градот. Потребните финансиски средства ги обезбеди општина Неготино, а изведувач на активностите е фирмата Изолација од Скопје.

Повеќе...
 
Велигденска работилница во Музејот на град Неготино PDF Печати

   Во пресрет на  пролетните празнувања, прославувањето на циклусот посветен на обновувањето на природата и на вегетацијата, на доаѓањето на пролетните празници, на птиците преселници и секако во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, во Општинската установа Музеј на град Неготино - Неготино се одржа Велигденска работилница заедно во соработка со детската градинка “Фемо Кулаков“ од Неготино.Оваа работилница е и како резултат на долгогодишната соработка помеѓу двете општински институции каде што учествуваа 120 дечиња од големите групи од градинката кои што во прекрасна, весела и работна атмосфера, преку цртање и боење на велигденски јајца на бел картон си ги покажаа своите ликовни вештини. Во велигденската работилница дечињата имаа стручна помош од воспитувачките од детската  градинка “Фемо Кулаков“ и од вработените во Музејот на град Неготино. Како резултат од оваа активност ќе се организира и ликовна изложба во ликовниот салон во Музејот каде што ќе бидат изложени изработените ликовни творби во форма на велигденски јајца, велигденски кошнички, велигденски мозаици и сл.

Повеќе...
 
<< Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај >>

Лист 168 од 314