За „Св. Трифун“ настап на музички имиња кои гарантираат добра забава PDF Печати

   Мишко Крстевски, Милена Јованоска, Антигона-бенд и Трио Грациозо се пеачите и музичарите кои оваа година ќе се погрижат за добро расположение на присутните на централната прослава што ќе се одржи в недела на 14-ти февруари на градскиот плоштад во Неготино во рамките на манифестацијата „Недела на виното“ која се организира по повод празникот на лозарите и винарите „Св. Трифун“. Покрај добрата забава која ја гарантираат имињата на самите учесници во забавната програма која ќе започне од 12,30 часот, предходно посетителите во времето од 11,00 до 12,00 часот ќе имаат можност да го проследат настапот со песни и игри на двете културно-уметнички друштва од градот „Ацо Ѓорчев“ и „Јане Сандански“, како и на членови на уште две сродни друштва од земјава и странство кои ќе бидат гости на настанот, при што се очекува на дефилето и на бината на плоштадот учество да земат околу 160 играорци од 4 културно-уметнички друштва. Организаторот на настанот-општина Неготино упатува јавна покана до сите граѓани од неготинска општина, од Тиквешијата и пошироко од цела држава, да повелат во Неготино во недела на 14-ти февруари, да ја проследат централната свеченост и да уживаат во специјалитети од храна и вино-сето зачинето со музика за добро расположение.