Продолжува соработката на заедничкиот проект меѓу Неготино и Алмопија PDF Печати

   Претставници на работните групи од двете партнер општини Неготино и Алмопија одржаа уште една, втора по ред, работна средба во рамките на реализацијата на заедничкиот проект насловен како „Поддршка и развој на економијата на пчелни производи во прекугранична област“. Градоначалникот Ванчо Апостолов во воведното обраќање истакна дека причина за оваа средба е спроведувањето на заедничкиот проект во рамките на програмата „Македонија-Грција“ ИПА прекугранична соработка 2007-2013 година. Апостолов истакна дека станува збор за проект во вредност од 272.489 евра наменети за општина Неготино од кои 85 отсто се  обезбедени од Европската унија и 15 отсто од национално кофинансирање, додека општината партнер Алмопија на располагање има 268.145 евра. –„Би сакал да потенцирам, рече градоначалникот Апостолов, дека овој проект е насочен кон поврзување на двете општини во делот на економскиот развој на пчелните производи фокусирајќи се на поддршката на пчеларите од неготинска општина, а еден дел од средства ќе бидат наменети за изградба на 400 метри делница од новиот пат од Г.Дисан до Вешје чија изградба е во тек. Градоначалникот на општина Алмопија Димитрос Мпинос ја поздрави заедничката соработка и истакна дека дел од проектните активности се веќе реализирани, а оваа дводневна работна средба во Неготино ќе се искористи за спроведување и на нови проектни активности кои ќе придонесат за напредок на проектот.