Започна замената на водоводната мрежа на улиците Ленинова и 29 Ноември PDF Печати

  По завршувањето на градежните работи за замена на водоводната мрежа на 4 улици во Неготино и тоа Енгелсова во должина од 200 метри, Ило Виларов – 500, Душан Јуруков – 185 и Никола Петров во должина од 200 метри, работници на фирмата изведувач на работите продолжуваат со замената на повеќе од 70 години старата и дотраена водоводна мрежа која беше и основниот причинител за создавање на огромни загуби на водата за пиење во мрежата, која на одделни локации достигнуваше и до 70 проценти од количините кои доаѓаат од регионалниот водовод Лукар. Така, по замената на водоводот на споменатите 4 улици, од денеска се започнува со поставување на нова водоводна мрежа на уште 2 улици во Неготино и тоа Ленинова и 29 Ноември. Радува фактот што временските услови му одат во прилог на изведувачот на работите кои засега се одвиваат според однапред утврдената динамика, а градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов врз основа на досега сработеното е оптимист дека комплетните работи за замена на водоводната мрежа на улици во градот во должина од 8 километри ќе заврши и пред предвидениот рок за тоа од 9 месеци.