Неготинци масовно се вклучија во акцијата „Ден на дрвото“ PDF Печати

   Под мотото „Засади успех“ на повеќе од 100 локации на територијата на Република Македонија, меѓу кои и во општина Неготино, денеска по 16-ти пат се одржа традиционалната акција „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ при што на површина од 930 хектари земјиште во цела држава се засадија околу 3.000.000 дрвца. Како и секоја, така и оваа година сопствен придонес во успешното реализирање на акцијата даде градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов кој заедно со заменик-министерот за животна средина Стево Темелковски засадија дрвца на предвидената локација за тоа, заедно со голем број ученици од основните и средното училиште, вработени во јавни и приватни установи, љубители на природата и животната средина, невработени, претставници на невладини организации и здруженија и други категории граѓани. Во заедничката изјава за медиумите, Апостолов и Темелковски го потенцираа значењето на оваа акција и ефектите од истата преку збогатување на шумскиот фонд во цела држава и создавање услови за зачувување и унапредување на животната средина, упатувајќи притоа благодарност до сите кои денеска го искористија пријатното време и се вклучија во акцијата за засадување нови садници. Инаку, граѓаните на општина Неготино денеска засадија околу 20.000 садници чемпрес, багрем и црн бор обезбедени во координација со ЈП Македонски шуми, а паралелно  активности за еколошко уредување на училишните дворови и засадување садници реализираа и учениците од прво до шесто одделение во двете основни училишта во градот и во подрачните училишта во населените места, што значи активности беа присутни на територијата на цела општина Неготино.