Наскоро започнува реконструкцијата на водоводот во Неготино PDF Печати

   По обезбедувањето на потребните финансиски средства во висина од 38.000.000 денари и комплетирањето и одобрувањето на документацијата за проектот, ги создадовме сите услови за старт на работите за реконструкција на водоводната мрежа на улици во Неготино во должина од 8 километри и изградба на нов резервоар со зафатнина од 500 м3 во Тимјаник за потребите на висока зона Неготино-вели градоначалникот Ванчо Апостолов. Од седиштето на Светската банка бевме информирани дека комплетната документација е во ред, а дадена е и согласност за изборот на најповолниот изведувач на работите што општина Неготино го изврши во соработка со Министерството за финансии. Работите за реконструкција на старата повеќе од 70 години и дотраена водоводна мрежа која беше основната причина за создавање на огромни загуби на вода во водоснабдителниот систем ќе ги изведуваат фирмите Алдинг-инжинеринг и Каро-трејдинг кои според потпишаниот договор со комплетната реконструкција на водоснабдителниот систем треба да завршат во рок од 9 месеци. Очекуваме, додава Апостолов, со реконструкцијата на водоводот и изградбата на новиот резервоар загубите на вода во системот да ги сведеме на минимум и да обезбедиме дополнителни количини вода за пиење, што пак очекуваме да резултира со целосно стабилизирање на водоснабдувањето во општина Неготино.