ПРЕДАДЕНО ВО УПОТРЕБА НОВОТО ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ PDF Печати

   Премиерот на Владата на РМ – Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт – Диме Спасов и градоначалникот на општина Неготино – Пане Трајков на пригодна свеченост и со сечење на лента во употреба го предадоа новото фудбалско игралиште лоцирано во близина на Спортско рекреативниот центар Младост кое е изградено во рамките на проектот на Владата на РМ за изградба на 50 фудбалски игралишта на територијата на цела држава. Потребните финансиски средства во висина од 12 милиони денари ги обезбедија Владата и Агенцијата за млади и спорт, а сопствено учество во делот на порамнувањето на теренот имаше и неготинската локална самоуправа.

Новото фудбалско игралиште е изградено според сите пропишани стандарди и истото е со должина од 105 метри и ширина од 68 метри. Во негов состав се изградени и функционираат соблекувални за домашните и гостинските екипи и за судиите, изведена е дренажна мрежа, поставен е систем за наводнување, поставени се монтажни трибини за потенцијалните гледачи, а со цел да се овозможи одигрување на фудбалски натпревари и во ноќните часови – на 4 столба се поставени рефлектори.

Искажувајќи го задоволството поради одржаното ветување за изградба на ново фудбалско игралиште, градоначалникот на општина Неготино Пане Трајков, меѓу другото, ја потенцираше подготвеноста на локалната самоуправа за вложување дополнителни финансиски средства за дооформување на околниот простор на СРЦ Младост со нови придружни елементи, како на пример клупи за седење, канделабри за осветлување на просторот, изградба на пешачки патеки, паркинг – простор и дополнитело раззеленување на овој простор.
Премиерот Груевски, директорот Спасов и градоначалникот Трајков на спортистите и спортските клубови кои ќе го користат новото фудбалско игралиште им посакаа одигрување на голем број квалитетни натпревари и постигнување добри резултати, а наедно до сите млади луѓе и спортски рекреативци упатија покана што е можно почесто и помасовно да го посетуваат и користат игралиштето, како и другите спортски објекти во склоп на СРЦ Младост.