Во сабота во општина Неготино ќе се спроведе акцијата „Македонија без отпад“ PDF Печати

   Ученици од двете основни и средното училиште, претставници на комуналното претпријатие, на јавната администрација, здруженија, екологисти и други заинтересирани граѓани во сабота на 3-ти овој месец ќе се вклучат во акцијата „Македонија без отпад“ која ќе се реализира на подрачјето на општина Неготино во соработка и координација со Министерството за животна средина и просторно планирање. Акцијата се спроведува со цел за намалување на количините на несоодветно депониран отпад во одредени подрачја, а во Неготино ќе се расчистува подрачјето долж двете главни улици, градскиот пазар и плоштадот, општинската зграда, дворовите на училиштата, просторот околу СРЦ Младост, а екипи на ЈП Комуналец со механизација посебен акцент ќе стават на расчистување на дивата депонија на просторот кај фудбалското игралиште на влезот во Неготино. Се повикуваат сите заинтересирани граѓани од општина Неготино да се вклучат во саботната акција и да дадат сопствен придонес за подобрување на просторот и животната средина во која живеат и егзистираат.