Стартуваа работите за конзервација на Саат-кулата PDF Печати

   Со задоволство можам да информирам дека денеска и официјално започнаа активностите поврзани со проектот „Конзервација на Саат-кулата“ во Неготино кој се реализира со заедничка соработка на Музејот на град Неготино, општина Неготино и Министерството за култура од чија страна за работите во текот на оваа година се издвоени средства од 500.000 денари, додека општина Неготино учествува со средства од 800.000 денари. Активностите од првата фаза од овој мошне значаен проект содржат стручни геомеханички истражувања на теренот, испитување на статиката на објектот, археолошки истражувања во неговата внатрешност, расчистување и уредување на околниот простор на парцелата каде што е лоцирана Саат-кулата, подготовка на стручен основен проект за конзервација од страна на стручни лица од Националниот конзерваторски центар и отпочнување на главната активност-конзервација и реставрација на споменикот на културата Саат-кула. Основната цел е со комплетното реконструирање на Саат-кулата, уредување на околниот простор со поставување на урбана опрема и сувенирници, Неготино да добие уште еден атрактивен туристички простор и место за прошетки и релаксација на граѓаните на Неготино и потенцијалните посетители. Инаку, општина Неготино има аплицирано за одобрување средства за спроведување на овој проект и до Амбасадата на САД од каде што во најскоро време се очекува одговор.