АПОСТОЛОВ: РЕАЛИЗИРАВМЕ, СПРОВЕДУВАМЕ И ЌЕ РАБОТИМЕ НА ПРОЕКТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА ЖИВЕЕЊЕ НА СИТЕ ГРАЃАНИ ОД ОПШТИНА НЕГОТИНО PDF Печати
  ИБ на ОН – Господине Апостолов, изминаа 2 години од Вашето стапување на функцијата прв човек на општина Неготино. Дали и колку сте задоволен од сработеното и реализираните проекти во изминатиот период и што може да очекуваат граѓаните на општината во периодот од преостанатите неполни 2 години од Вашиот мандат ?
Градоначалник – Во рамките на заложбите за јавно и транспарентно работење, по моето стапување на фунцкијата градоначалник, јас на повеќепати и преку разни форми (Отчет за сработеното, интервјуа во локални, регионални и републички печатени и електронски медиуми, преку непосредни средби со населението, Инфо-билтенот и сл ) им се имам обраќано на граѓаните на општина Неготино информирајќи ги за досега реализираните, за проектите кои се во тек, како и за оние проекти кои се предвидени за спроведување. Уште на самиот почеток на мојот мандат истакнав дека мој и приоритет на локалната самоуправа е и ќе биде локалниот економски развој преку создавање услови за привлекување на домашни и странски инвеститори, отворање на производствени капацитети, а аналогно на тоа и создавање услови за вработување на невработените лица од нашата општина. На овој план, особено сум горд што благодарение на одличната соработка со Владата на РМ и овозможената пропорционална застапеност, во германскиот гигант Дрекслмајер се вработија над 1.300 наши сограѓани со тенденција нивниот број во иднина да расте. Иако како општина немаме директни ингеренции во вработувањето, наша задача е преку создавање услови да го стимулираме вработувањето, па токму затоа ја оформивме и ги продадовме сите парцели во Индустриската зона Неготино, се работи на дооформување на Индустриската зона Дуброво-Тремник, а општината се почесто е посетувана од потенцијални инвеститори кои допрва треба да ја донесат конечната одлука за инвестирање во изградба на капацитети на ова подрачје.
Сериозно се зафативме со долгорочно решавање на најгорливиот проблем во нашата општина-водоснабдувањето. На тој план делуваме на повеќе полиња и реализиравме и ќе реализираме неколку паралелни проекти и уверен сум дека по комплетното завршување на сите предвидени проекти и зафати до домовите на неготинци ќе дотекуваат поголеми количини вода за пиење, а овој децениски проблем ќе биде решен на долги патеки. Исто така, инвестиравме во проекти за подобрување на патната инфраструктура како во градот, така и во населените места, уредување на централното подрачје на Неготини и во повеќе села, изградивме нови водоводни и канализациони мрежи, асфалтираме постојани и пробиваме и подготвуваме за асфалтирање нови улици, изградивме објекти за спорт и рекреација и забавни паркови за најмладите, аплицираме со проекти кај домашни и меѓународни организации за обезбедување финансиски средства за реализација на проекти за подобрување на севкупните услови за живеење на сите граѓани, а можам јавно да ветам дека и во времето од преостанатиот мандат целосно ќе се посветам на работата и остварувањето на градоначалничките обврски со единствена цел на идните генерации да им ја оставиме општина Неготино во што е можно поубаво светло.
ИБ на ОН – Се зафативте со решавање на најгорливиот проблем со кој со децении се соочуваат граѓаните на општина Неготино – водоснабдувањето. Што се е досега реализирано, кои активности се во тек и кои од паралелните проекти кои ги споменавте погоре остануваат да се спроведат ?
Градоначалник – Би сакал на почетокот да потенцирам дека Неготино е првиот град во РМ во кој се реализираше проектот „Хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење“ кој веднаш по неговата имплементација ги даде очекуваните резултати, се укинаа редукциите и имавме 24 часовно водоснабдување. Морам да потенцирам дека дијаграмите на ноќната потрошувачка покажаа дека Неготино е град кој не спие и водата нон-стоп се троши, што разбирливо не кореспондираше со фактичката состојба на теренот. Со овој проект за 40 отсто ги намаливме загубите на водата во водоводната мрежа кои на одделни места достигнуваа и до 70 отсто од вкупно 80-те литри вода кои низ 72 километарската дистрибутивна мрежа доаѓаат од Лукар, воспоставени се 10 мерно-регулациони места кои мерат и регулираат различни параметри, во Комуналец е поставена Сим картичка со графичка единица преку која се следи текот и промените во водоводниот систем, а сега полесно се откриваат точките каде „комуналци“ треба приоритетно да реагираат за евентуално намалување на загубите на видата за пиење, а овозможено е и превентивно и рано откривање на дефектите и нивно брзо санирање. За жал, со доаѓањето на летниот период и присуството на пеколните горештини дојде до нагло зголемување на потрошувачката на водата за пиење за цели 45 отсто споредбено со предходниот период, тоа резултираше со празнење на резрвоарите за рекордно време и краток недостиг на вода во одделни периоди во едно деноноќие, но верувам дека со комплетната реализација на сите проекти кои се однесуваат на водоснабдувањето, ќе успееме долгорочно да го решиме проблемот.

ИБ на ОН – Еден од паралелните проекти за кои говорите е и проектот кој ќе биде финансиран со средства од Светска банка. Кои активности се предвидени со овие пари ?
Градоначалник – Пред извесен период јас како градоначалник, а по предходно донесена одлука од страна на Советот на општината, во седиштето на Светска банка во Македонија го потпишав договорот со кој ни се одобруваат средства за подобрување на водоснбдувањето. Овие пари ќе бидат употребени за реализација на 2 проекти. Едниот е комплетна реконструкција и замена на старите, дотраени и опасни по здравјето на граѓаните азбестни цевки со нови софистицирани цевки на водоводната мрежа во должина од 8 километри на повеќе улици во Неготино кај кои се детектирани најголеми дефекти и загуби на водата за пиење, а вториот проект кој ќе биде финансиран со средствата од Светска банка е изградба на нов резервоар во близина на Тимјаник со зафатнина од 500 м3 вода, додека преку Министерството за транспорт и врски планирана е изградба на уште еден резервоар кај Пепелиште со зафатнина од 200 м3, со што ќе се обезбедат дополнителни количини вода како за граѓаните на Неготино, за жителите на Тимјаник и Пепелиште, но и за останатото население од општината.

ИБ на ОН – Во близина на село Дуброво беше поставена нова водоводна мрежа со што во водоводниот систем се вратија 15  литри вода во секунда кои предходно се губеа на тој потег ?
Градоначалник – Токму така. На овој потег каде што беа откриени големи дефекти кои предизвикуваа загуби од 15 литри вода во секунда се изведоа градежни работи за поставување на нова водоводна мрежа во должина од 1.380 метри со нови Ф-140 цевки со издржливост до 10 бари и со регулиран притисок на водата до 4,5 бари со што не само што се елиминираа можностите од настанување нови дефекти, туку во мрежата се вратија 15-те литри кои се губеа, а заедно со детектираните и вратени во водоводот 30 литри со проектот „Хидраулично регулирање на притисокот на водата“,  сега до населението доаѓаат дополнителни 45 литри вода во секунда.

ИБ на ОН – Еден од проектите кои тековно се реализира е замената на водомерите во домаќинствата, поставување на истите онаму каде што ги нема и откривање на дивоприклучени граѓани на водоводниот систем !
Градоначалник – Со единствена цел за мерење на реалната потрошувачка на водата за пиење, веќе извесен период работници на ЈП „Комуналец“ се присутни на терен и се ангажирани околу замена на старите со нови автоматизирани водомери, а приоритет е даден на семејствата кои живеат во колективни згради и кај корисниците кои досега плаќале паушално. Водомери се поставуваат и во селата Пепелиште и Тремник, а паралелно се преземаат активности за откривање на дивоприклучени семејства на водоводнио систем кои трошат вода, а не добиваат сметки за тоа. Едноставно, ја следиме и ја применуваме најосновната пазарна логика дека секој што троши нешто, за тоа треба и да плати, како што впрочем тоа го прават и грото од нивните сограѓани.


ИБ на ОН – Во насока на создавање услови за засилен локален-економски развој, општина Неготино изврши оформување и продажба на градежни парцели во Индустриската зона „Неготино“ кај Црвени Брегови и оформување на Индустриската зона „Дуброво-Тремник“. Има ли заинтересирани инвеститори и ќе се одрази ли евентуалното отворање производствени капацитети со намалување на невработеноста во општината ?
Градоначалник – Со издавањето на првите градежни дозволи очекуваме во периодот што е пред нас да започнат првите градежни работи во Индустриската зона „Неготино“ каде што општината благодарение на одличната местоположба успеа да ги продаде сите градежни парцели на површина од 25 хектари на кои е предвидена изградба на стопанско-индустриски капацитети од Г-2 лесна и незагадувачка индустрија во кои ќе можат да се вработуваат невработените лица од нашата општина. Би сакал да додадам дека огромниот интерес што беше присутен при продажбата на постоечките градежни парцели, моите размислувања одат во насока за проширување на оваа индустриска зона со нови градежни парцели на површина од 20 хектари. Исто така, се работи и на дооформување на Индустриската зона „Дуброво-Тремник“ со зафаќање на површини на простор од над 70 хектари со градежни парцели за изградба на капацитети од лесната и незагадувачка индустрија, а потенцијален домашен инвеститор на оваа локација планира изградба на индустриски капацитет во кој би се вработиле околу 500 лица.

ИБ на ОН – За развој на економијата, меѓу другото, потребна е квалитетна инфраструктура. За време на Вашиот мандат на подрачјето на општината се изградија два мошне значајни патни правци. Какви се реакциите на месното население и кои се придобивките од нив ?
Градоначалник – Претпоставувам дека мислите на патните правци Тимјаник – Долни Дисан и Курија – Паликура кои се изградија во изминатите две години и кои овозможуваат побрз проток на луѓе и стоки. После повеќе од 50 години општина Неготино со поддршка на Владата на РМ го реконструираше и асфалтираше еден од најоштетените, но и најфреквентни патни правци од Тимјаник до Д.Дисан во должина од околу 4,5 километри за што беа реализирани средства во висина од 42.000,000 денари, при што се изврши проширување на коловозот и негово целосно асфалтирање, а жителите на Тимјаник и Д.Дисан, но и останатите жители кои во овој претежно земјоделски  регион имаат сопствени лозови насади, на располагање добија модерен, современ и пред се безбеден патен правец. Исто така, во употреба го предадовме и реконструираниот и асфалтиран патен правец Курија – Паликура во должина од 3 километри за чија реализација беа потрошени средства во висина од 350.000 евра и со истиот патувањето од Неготино до Росоман се скрати за цели 11 километри. И овде станува збор за претежно земјоделски регион, и исто како и во првиот случај, и овде бенефитите најмногу ќе ги почуствуваат земјоделците во делот на транспортот на родот и можностите за развој на самиот регион.

ИБ на ОН – Во вашата програма ветивте реконструкција на патните правци Неготино – Криволак и Горни Дисан – Вешје, како и асфалтирање на улици во населените места. Стануба збор за патни правци кои не се „чепнати“ со години и чија изградба тамошното месно население со „душа ја чека“ со години. До каде работите околу реализацијата на овие проекти ?
Градоначалник – На мое големо задоволство деновиве Министерството за транспорт и врски во соработка со општина Неготино го распиша јавниот тендер за прибирање на понуди за избор на најповолен понудувач за изведување на работите за реконструкција, проширување и асфалтирање на патот од Неготино до Криволак во должина од 3 километри и со ширина на коловозот од 5,5 метри. Финансиските средства во висина од околу 22.000.000 денари се обезбедени и по завршувањето на неопходните законси процедури очекувам да започнат градежните работи. Исто така, планираме да го реконструираме и асфалтираме и патниот правец Горни Дисан-Вешје во должина од 638 метри-инвестиција вредна над 18.000.000 денари а што до надлежните веќе се поднесени потребните апликации. Овде би сакал да кажам дека е донесена и одлука за изградба на 3 улици во селото Тимјаник во должина од 1.000 метри и овој проект предвидуваме да го реализираме преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој по повикот од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за инвестиции за изградба и реконструкција на селски улици.

ИБ на ОН – Кога веќе говориме за напорите за подобрување на условите во населените места во неготинска општина, кои се проекти се реализирани во изминатиот период ?
Градоначалник – Се обидуваме и верувам успеваме во тоа во сите населени места да се спроведуваат проекти, бидејќи станува збор за жители на општина Неготино. Како што веќе споменав погоре, за потребите на жителите на Горни Дисан и Вешје ќе се реконструира патот, во Долни Дисан партерно го уредивме централното подрачје во селото, го реконструиравме подрачното училиште и изградивме спортско игралиште, во Тимјаник покрај изградбата на патот до Дисан отворивме Дневен центар за стари лица и ќе се асфалтираат 3 улици во должина од 1 километар, во Тремник ја ставивме во функција фекалната мрежа и сега населението се приклучува на истата и асфалтиравме една улица, во Војшанци комплетно беше уредено централното подрачје и беа асфалтирани неколку улички кои водат до него, во Криволак со цел за подобрување на водоснабдувањето во функција го ставивме паралелниот систем за наводнување на дворните површини, а ќе се асфалтира и патот до селото, во Пепелиште исто така со цел за обезбедување доволни количини вода за населението ќе се гради нов резервоар, во Курија покрај новиот пат до Паликура тампониравме една улица и го уредивме просторот пред селските гробишта, кај Дуброво ја заменивме водоводната мрежа и извршивме тампонирање на 3 улици, предвидена е изградба на линиска патна инфраструктура за поврзување на село Калањево со излетничкиот локалитет Бела вода и како што можете да забележите речиси во секое село во нашата општина се реализирани проекти, со тенденција и во наредниот период во зависност од финансиската кондиција на општината да спроведеме и други проекти.

ИБ на ОН – Граѓаните на Неготино се интересираат кога ќе започнат активностите за реконструкција на руинираната сала на ДТВ Партизан и што се е предвидено за изградба на тој простор ?
Градоначалник – Според програмата за работа на општината до крајот на тековнава година треба да започнат конкретните работи на терен за изградба на објекти на споменатиот простор. Имено, планот е веќе доставен до Министерството за транспрот и врски и се чека на добивање согласност. Инаку, станува збор за ДУП за урбана заедница 6.1 кој се однесува на изградба на станбено-деловен објект на местото на зградата на ДТВ Партизан, изградба на нов градски пазар и на пааркинг-простор. Со проектот е опфатена површина од 5,2 хектари на кои е предвидена изградба на објекти за индивидуално и групно домување, голем трговски центар, мали комерцијални и деловни објекти-сето тоа заокружено со соодветна сообраќајна инфраструктура и зеленило. На приземјето ќе се гради паркинг-простор, а на првиот спрат градскиот пазар и малите деловни објекти.

ИБ на ОН – За крај, дали и колки сте задоволен од досега реализираното од позиција на прв човек на општина Неготино и што можете да им ветите на граѓаните ?
Градоначалник – Не сакајќи да звучам субјективно, ќе потенцирам само дека во изминатите 2 години од мојот мандат се реализирани околу 60 отсто од ветените проекти во мојата програма со која излегов да ја барам и ја добив довербата од граѓаните на општина Неготино. Водејќи се од максимата дека секогаш може и повеќе и подобро, на граѓаните можам да им ветам посветена и чесна работа до крајот на мандатот и реализација на останатите 40 отсто од проектите, а со единствена цел општина Неготино да ја направиме уште попристојно место за живеење.