Се поставува нов водовод кај Дуброво-во мрежата ќе се вратат 15 литри вода во секунда PDF Печати

    Започнаа градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа во должина од 1.380 метри на потегот пред селото Дуброво каде што се откриени големи дефекти кои предизвикуваа загуби на 15 литри вода за пиење во секунда-проект со чие завршување преку замена на постоечките со нови Ф-140 цевки овие 15 литри ќе се вратат во водоводната мрежа, ќе доаѓаат до домовите на граѓаните и ќе придонесат за подобрување на водоснабдувањето. Како што информира градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, заедно со дополнителните 30 литри во секунда кои се губеа поради дефекти, но со проектот „Хидраулично регулирање на притисокот на водата“ се вратија во мрежата, сега до населението доаѓаат дополнителни 45 литри вода во секунда. Сето ова, според Апостолов, резултираше со драстично подобрување на водоснабдувањето, укинување на 12 часовните дневни и ноќни редукции и обезбедено нормално 24 часовно водоснабдување. На потегот кај Дуброво каде што течат работите на местото на старите се поставуваат нови цевки со издржливост до 10 бари и со регулиран потисок на водата до 4,5 бари, со што се елиминираат можностите од настанување дефекти и губење на драгоцени количини вода за пиење. Градоначалникот Апостолов информираше дека општина Неготино паралелно реализира неколку проекти со кои за граѓаните на општината ќе се обезбеди стабилно водоснабдување за наредните 100 и повеќе години.