Се санираат штетите од невремето во Војшанци PDF Print
There are no translations available.

   Кажувања за спасен живот на постара жена во последен момент, раскопани улици, работно ангажирани речиси сите жители на селото, поплавени домови и покуќнина, оштетена канализација, расчистување на дворните површини од кал, механизација на терен. Ова е сликата која ја затекнавме денеска при посетата на селото Војшанци кое вчера претрпе огромни штети од надојдените води на Војшанска река која се излеа од коритото, но и од водите кои доаѓале од околните ридови. Неколку куќи во селото имаат претрпено огромни штети и во нив нема услови за живот, па според кажувањата на нашите соговорници, биле принудени ноќта да ја поминат кај блиски роднини или пријатели. Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов кој и вчера и денеска беше присутен во Војшанци истакна дека на жителите чии куќи претрпеа најголеми оштетувања итно ќе им се додели помош во градежни материјали за да можат да оспособат барем дел од просториите каде што би имале услови за нормален живот, како и помош во механизација. Кога сме кај механизацијата, да кажеме дека на повеќе локации во Војшанци истата е присутна и тоа како онаа ангажирана од локалната самоуправа, така и механизацијата на ЈП Комуналец и на Противпожарната единица Неготино, а во расчистувањето се вклучени и сите жители на Војшанци бидејќи речиси и нема локација во селото каде што нема оштетувања. Најкритична е состојбата и најголеми оштетувања видовме на патот од мостот во центарот на селото до фармата на „Дуброво“, движењето со возила е отежнато, но со механизацијата се изведуваат зафати за санирање на состојбите. Градоначалникот Апостолов истакна дека активностите за санирање на штетите продоллжуваат до длабоко во ноќта, но и во текот на утрешниот ден.