Продолжуваат работите за хидраулично регулирање на притисокот на водата PDF Печати

  Првичните ефекти од реализацијата на проектот за хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење се повеќе од задоволителни – Неготино веќе нема редукции и има 24 часовно водоснабдување. Ова меѓу другото беше истакнато на заедничкиот состанок помеѓу градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, директорката на ЈП Комуналец Наташа Лазова и претставникот на фирмата-изведувач на работите ИМГД од Самобор-Хрватска што денеска со одржа во кабинетот на првиот човек на општината. На состанокот беше истакнато дека во моментов претставниците на ИМГД работат на терен на поставување на далечински надзори во сите зони во градот кои ќе придонесат за алармирање на„ комуналци “ при настанување на дефекти на водоводната мрежа и нивно итно интервенирање, за што ќе следува изведување и на дополнителна обука. Градоначалникот Апостолов истакна дека на состанокот ќе бидат дефинирани  активностите од проектот од фазите кои допрва следуваат, а изрази и задоволство од досега изведените работи на терен кои уште на стартот придонесоа за укинување на рестрикциите и обезбедување континуиран доток на вода во водоводната мрежа, а аналогно на тоа, и до домовите на граѓаните. Директорката на Комуналец Наташа Лазова додаде дека со поставувањето на мерните инструменти значително ќе им се олесни работата, бидејќи по откривањето на дефектите, нивни екипи веднаш ќе можат да излезат на терен и брзо и ефикасно да интервенираат на локацијата каде што истиот е настанат. Сите учесници на состанокот заеднички констатираа дека е крајно време да се отстранат дивите приклучоци во градот и населените места, за што ќе следуваат и дополнителни активности за нивно откривање и елиминирање, со што ќе се зголемат количините на вода во водоводната мрежа.