Ставен во функција патниот правец Курија – Паликура PDF Печати

   „Со ставањето во функција на реконструираниот и асфалтиран патен правец од Курија до Паликура кој се протега на подрачјето на двете општини Неготино и Росоман, го означуваме завршувањето на уште еден проект ветен од страна  на Владата на РМ и општините “ – изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој денеска заедно со градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов и градоначалникот на општина Росоман Стојанче Лазов на пригодна свеченост го пуштија во употреба новоизградениот пат во должина од 3 километри. Јанакиески додаде дека проектот е реализиран со средства од Владата на РМ преку Агенцијата за државни патишта во висина од 350.000 евра и со истиот патувањето од Неготино до Росоман се скратува за цели 11 километри, се обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот, а бенефитите ќе ги почуствуваат и земјоделците кои во овој регион имаат површини и тоа во делот на транспортот на родот. Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов рече дека изградбата на овој патен правец ќе придонесе за развој на овој претежно земјоделски регион и додаде дека на негово инсистирање работници на Гранит изведоа градежен зафат и во село Курија со тампонирање на една улица во должина од 150 метри и уредување на просторот пред селските гробишта. Градоначалникот пак на Росоман Стојанче Лазов со изградбата на патот гледа потенцијал за зголемен интерес за изгрдба на мини-винарии, бидејќи токму во непосредна близина се наоѓаат парцелите понудени на продажба за изградба на винарски визби. По завршувањето на свечената церемонија, министерот Јанакиески оствари работна средба со градоначалникот на општина Неготино Апостолов која се одржа во неговиот кабинет.