Пуштен во употреба реконстрираниот клон во неготинската градинка PDF Печати
   Во присуство на голем број гости меѓу кои градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, претставници на Амбасадата на САД во Македонија и тоа воениот аташе полковник Томас Батлер и шефот на канцеларијата за воена соработка Џефри Ван Скил, мајор Виолета Костадиновска – заменик-командант на логистичкиот баталјон на Армијата на РМ од Штип, вработените во установата и други гости, на пригодна свеченост во употреба беше предаден комплетно реконструираниот клон Мајски цвет при Детската градинка Фемо Кулаков во нашиот град. Станува збор за проект финансиран со средства во висина од 35.000 долари обезбедени од Амбасадата на САД во Македонија, акои беа искористени за замена на повеќе од 40 години старите со нови и современи алуминиумски врати и прозорци во овој клон. Притоа, извршена е замена на 14 врати и 250 прозорци, а работните активности ги изведоа по 9 припадници на Армијата на РМ и Армијата на САД кои за вложениот труд добија сертификати. Како што беше истакнато, со комплетната замена на вратите и прозорците, ќе се создадат далеку подобри услови од постоечките и тоа како за престој на дечињата во градинката, така и за нивните воспитувачки и негователки при редовното извршување на секојдневните обврски.