ЗАПОЧНА АСВАЛТИРАЊЕТО НА ПАТНИОТ ПРАВЕЦ ТИМЈАНИК – ДОЛНИ ДИСАН PDF Печати
   Работници на Градежното претпријатие Гранит од денеска започнаа со изведување на асвалтерските работи на патниот правиц од Тимјаник – Долни Дисан – проект финансиран со средства од Агенцијата за државни патишта, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и од Буџетот на општина Неготино. Станува збор за асвалтирање на еден од најфреквентните и најоштетени патишта на ова подрачје во должина од над 4,5 километри, од кои првите 3 километри се реконструираат со средства во висина од 27.000.000 денари од Агенцијата за државни патишта обезбедени од Европската банка за обнова и развој, додека останатите над 1,5 километар се уредуваат со средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој од 10.492.000 денари, додека општина Неготино од сопствениот Буџет партиципира со средства во висина од 4.258.000 денари. Според проектот, извршено е тампонирање и проширување на коловозот од 4,5 на 5,5 метри, поставени се бетонски рабници, а како што веќе рековме, од денеска започна асвалтирањето на овој патен правец. Од службата за информирање при општина Неготино ги запознаваат граѓаните дека асвалтерските работи ќе траат до крајот на оваа работна недела при што во времето до 16 часот сообраќајот на овој патен правец нема да се одвива, а наедно и апелираат до возачите кои ќе се упатуваат до и од Долни Дисан по овој пат на внимателност при управувањето со возилата, бидејќи долж целиот пат е присутна механизацијата на Гранит.