ОДБЕЛЕЖАН ПРАЗНИКОТ ,, СВЕТИ ТРИФУН ,, PDF Печати
   Во рамките на одбележувањето на традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација ,, Недела на виното ,, која општина Неготино традиционално ја организира во чест на верскиот празник Свети Трифун, на 14-ти февруари на градскиот плоштад во присуство на неколку илјади граѓани се одржа централната прослава која беше збогатена со културно-уметничка и музичка програма. Православните христијани го прославија празникот со желби за добро здравје и расположение и богат и квалитетн род на лозовите насади. Свечениот чин на закројување на виновата лоза го извршија Вицепремиерот и Министер за финансии Зоран Ставрески и Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, а по предходно дадениот божји благослов од страна на свештениците од Македонската православна црква ,, Свети Атанасиј,, од Неготино. Честитајќи им го празникот, Вицепремиерот Ставрески ги информираше лозарите дека заклучно со денот на празнувањето, Владата на РМ во целост ги исплатила субвенциите за производителите на грозје, при што на сметките на лозарите од општина Неготино биле префрлени вкупно 105.000.000 денари. Богат и квалитетен род на лозарите и производство на квалитетни вина на винариите во своето обраќање им посака градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов кој изрази надеж дека и оваа, но и наредните години, бербата и откупот на грозјето ќе поминат во најдобар ред и во релаксирана атмосвера. На 15-тина штандови кои беа поставени на плоштадот, во соработка со бизнис-секторот и винариите, за сите посетители беа обезбедени вино и локални специјалитети од храна, а сето тоа беше пропратено со богата културно-уметничка програма.