ДВОЈНИОТ СВЕТСКИ ПРВАК ЃОРЃИЕВ НА ПРИЕМ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НЕГОТИНО PDF Печати

   -,, Особено сум горд што еден од најуспешните спортисти во историјата на Република Македонија-двојниот светски првак Димитар Ѓорѓиев потекнува од Неготино и со своите извонредни спортски постигнувања го афирмира нашиот град и нашата држава во светски рамки ,,- истакна градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов кој во својот кабинет го прими светскиот првак во кик-бокс Ѓорѓиев кој на неодамнешното Светско првенство во Анталија- Турција ја одбрани титулата освоена пред две години на одржаното првенство во истиот ранг во Скопје. Ѓорѓиев стана двоен светски првак во категоријата до 74 кг во дисциплината кик-лајтс во која конкуренцијата од над 20 натпреварувачи била доста силна, а на патот до освојувањето на ова блескаво признаниe имал 4 борби во кои ги совладал своите противници од Литванија, Молдавија, Турција и од Полска. Ѓорѓиев во знак на благодарност за поддршката што ја добива од локалната самоуправа на првиот човек на општината му врачи благодарница, а градоначалникот Апостолов му додели пригодна награда. Градоначалникот Апостолов истакна дека и во иднина општината во рамките на расположливите финансиски средства ќе го помага настапот на Ѓорѓиев и посака што повеќе млади луѓе да се занимаваат со спорт и да го следат примерот на двојниот светски првак во кик-бокс.