ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПАТОТ ТИМЈАНИК – ДОЛНИ ДИСАН PDF Печати

   После долги години, започнаа градежните активности за комплетна реконструкција и асфалтирање на еден од најфреквентните и најоштетените патни правци на територијата на општина Неготино, патот Тимјаник – Долни Дисан. Работници на градежното претпријатие Гранит веќе извесен период се на терен и ги изведуваат неопходните подготвителни пред стартот на главните работи на овој патен правец. Инвеститор е Агенцијата за државни патишта на Република Македонија, а потребните средства во висина од околу 27 милиони денари за спроведување на првата фаза од проектот се обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Според проектот, предвидено е вадење на стариот асфалт, тампонирање, проширување на коловозот од 4,5 на 5,5 метри и потоа асфалтирање на патот во должина од близу 3 километри. Останатиот дел од патот Тимјаник – Долни Дисан во должина од околу 1,5 километар ќе се реконструира и асфалтира со средства во висина од 12,5 милиони денари преку Програмата за рурален развој од Агенцијата за поддршка на земјоделието, а од истата Агенција обезбедени се и 7,5 милиони денари за  партерно уредување на централното подрачје во Долни Дисан. Исто така, општина Неготино ги обезбеди потребните средства од 17,5 милиони денари за реконструкција и асфалтирање на 800 метри од патот Вешје-Горни Дисан.