ГРАДОНАЧАЛНИКОТ АПОСТОЛОВ ВО ПОСЕТА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ„ PDF Печати

   Продолжуваат систематските археолошки ископувања на локалитетот Градиште, меѓународен проект со наслов “Големо Градиште - Урбан развој и историска географија на градовите по средното течение на Вардар во антиката“, склучен помеѓу Музеј на Македонија, Универзитетот “Гдањск“ од Гдањск од Полска и Музеј на град Неготино. Според една од актуелните теории локалитетот Градиште кај Неготино е античкиот град Антигонеа подигнат 3 век п.н.е за време на династијата на македонските кралеви Антигониди, поточно за време на владеењето на Антигон Досон (229-221). Со досегашните истражувања постепено се добива јасна претстава за хронологијата на градот, за неговите урбанистички почетоци во 4 век п.н.е  и развојот низ следните 600 години.

 Утврдувањето на етничката припадност на жителите и идентитетот на градот кој според претпоставките и досегашните истражувања се протега на дури 3,5 хектари ќе бидат една од најважните придобивки на целата македонска и балканска археологија. На овој локалитет досега се откриени околу 10 илјади парчиња на кујнска, амбалажна, трпезна керамика, како и голем број увезени садови произведени во Јужна Италија, но и во познатите керамички центри во Грција. Исто така откриени се голем број на монети, домаќински тегови за разбој, калапи за садови и за светилки што говори фактот дека тука се произведувала керамиката, односно постоела развиена продукција на керамика. И денес Неготино е познат центар по квалитетна глина, а под самиот рид Градиште има фабрика за керамиди која ги користи истите ресурси што се користеле и во античкиот период.Истражувањата покрај тековните финансирања од Министерството за култура, се помогнати и од Општина Неготино, а археолозите откриениот материјал го чистат, селектираат, документираат во Музеј на град Неготино.Интензивирањето на истражувањата на Градиште се од особен интерес за Општината Неготино, пред се за развој на културниот туризам во овој град и меѓународна промоција на локалитетот.