ВО НЕГОТИНО ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ЛОКАЦИИ ЗА ИЗГРАДБА НА ВИНАРИИ PDF Печати

   Во организација на локалната самоуправа, денеска во Неготино се одржа трибина на која беше извршена промоција на расположливите локации во општината погодни за изградба на винарии и други стопански објекти за откуп, складирање, преработка и дистрибуција на земјоделски производи. Станува збор за 28 локации за изградба на винарии распоредени на 4 урбанистички планови од кои 5 се веќе продадени, а се дел од проектот на Владата на РМ за изградба на 100 мини –винарии на територијата на цела држава за што поопширно говореше заменик-министерот за земјоделие Зоран Коњановски. Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов истакна дека локалната власт во соработката со Владата на РМ и разни донатори и инвеститори во наредниот период ќе продолжи да биде фокусирана на локалниот економски развој и на градењето партнерство со бизнис-секторот, а ја истакна и подготвеноста во договор со потенцијалните инвеститори општината да промовира и да понуди услови кои ќе значат ослободување од разни надоместоци со цел да се отвораат нови капацитети и се обезбедат работни места за граѓаните на општина Неготино. На трибината во Неготино беше извршена и презентација на предлог-модификациите во мерките ИПАРД 2013 во делот за винарство, како и за можностите за инвестиции за промоција на активностите за рурален туризам.