НЕГОТИНО СО ПРОЕКТ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ВОДОСНАБДУВАЊЕТО PDF Печати

  Претставници на консултантскиот тим за институционално јакнење во делот на Програмата за водоснабдување и канализација во Република Македонија денеска остварија работна средба со градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов и претставници на локалното претпријатие Комуналец кое ги реализира работите на терен. Според Миле Паункоски – финансиски експерт и заменик тим лидер низ разговорите се добиени сознанија за капацитетите на комуналното претпријатие за реализација на проектот, од што пак произлегоа и насоките за неговото идно делување. Градоначалникот Апостолов информираше дека на терен веќе се реализираат конкретни работи кои се дел од проектот за подобрување на водоснабдувањето во општина Неготино кој се спроведува со кредитни средства од Германската банка за обнова и развој. Во тек е замената на старите со нови автоматизирани водомери, при што во месец март се заменети 400, а до втората половина на јули треба да се постават вкупно 2.500 водомери. По успешното реализирање на првата, следуваат активностите од втората фаза од овој проект.