АСФАЛТИРАНА И ПОПЛОЧЕНА СО БЕХАТОН КОЦКИ УЛИЦА ВО ТРЕМНИК PDF Печати

   Со обезбедени финансиски средства од Платежната агенција за рурален развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, а во соработка со стручните служби при општина Неготино, работници на градежната оператива на Гранит во изминатиот период извршија комплетна реконструкција со асфалтирање и поставување на бехатон коцки на улица во селото Тремник во должина од 800 метри. Проектот се реализираше согласно урбанистичката документација за ова населено место и врз основа на изготвениот проект од страна на одговорните во локалната самоуправа. Инаку, споменатата улица беше од земјен материјал со променлива ширина и големи деформации, а најголемите проблеми месното население ги имаше при услови на појава на поројни дождови, па токму поради тоа се пристапи кон комплетно санирање и уредување на оваа улица. Улицата е со ширина од 6 метри, во понискиот дел од селото се поставени тротоари, додека во пострмниот дел истата е со ширина од 5,5 метри. Исто така, при изведувањето на работите постоечките шахти на улицата беа поставени на ниво на коловозот, со што дојде до израмнување на самото подрачје и подобрување на неговата функционалност. Целокупниот проект преку кој дел од жителите на Тремник добија нова, современа и функционална улица во должина од 800 метри чинеше околу 12.000.000 денари.