МИНИСТРИТЕ ЈАНАКИЕСКИ И АДЕМИ НА ЈАВНА РАСПРАВА ВО НЕГОТИНО PDF Печати

  Да се разбие стравот кај населението од изградбата на капацитет за топење на челик и да се утврди дека инвестицијата ќе биде во рамките на законите – беа основните цели на одржувањето на јавната расправа по иницијативата на компанијата ИГМ-трејд од Кавадарци за изградба на железара во атарот на неготинските села Дуброво и Тремник, а на која присуствуваа и активно учество зедоа министрите за транспорт и врски и за животна средина Миле Јанакиевски и Абдулаќим Адеми. По извршената презентација од претставниците на потенцијалниот инвеститор за евентуалните вложувања, дел од присутните со став дека изградбата на еден ваков капацитет негативно ќе влијание врз развојот на лозарството и винарството – гранки со кои се занимаваат и егзистенција обезбедуваат најголем дел од граѓаните на општина Неготино. Одтука и предлогот во јавната расправа да се вклучат и стручни лица од Министерството за земјоделство со изработка на елаборат за можните влијанија на објектот врз лозарството и винарството.

     Пред присутните беше презентиран Извештајот за стратегиската оценка на животната средина,  при што беше потенцирано дека доколку инвеститорот не ги испочитува препораките на надлежните, нема да ги добие потребните дозволи за отпочнување со работа. Инаку, ИГМ е со намера да гради капацитет за топење на челик со ветување дека во првата фаза од 3 години би се реализирале 1400 вработувања, а по комплетното завршување на објектот за време од 6 години во железарата би се отвориле 1700 работни места.