ПРЕТСТАВНИЦИ НА KFV БАНКАТА ВО ПОСЕТА НА НЕГОТИНО PDF Печати

   Делегација на Германската KFV банка за обнова и развој предводена од проектниот менаџер Роза Екле престојуваше во работна посета на општина Неготино при што оствари работна средба со градоначалникот Пане Трајков , претставници на локалното комунално претпријатие Комуналец и општинската администрација и на лице место се запозна со актуелните состојби во делот на водоснабдувањето на подрачјето на општината. Колку за потсетување, пред извесен период беше потпишан договорот за финансирање за реализација на проектот ,, Водовод и канализација – фаза 1 ,, со кој на неготинското комунално претпријатие му беа одобрени средства во износ од 249.569 евра со рок на отплата од 28 години, грејс период од 10 години и годишната каматна стапка од само 2 отсто.

Според зборовите на проектниот менаџер Екле, конкретните работи на терен во делот на замената на старите со нови автоматизирани водомери што е првата фаза од проектот, може да се очекува да започната на почетокот од наредната 2012 година, по што ќе следува спроведувањето и на останатите фази од проектот. Економската корист од овој проект може да се согледа пред се во намалувањето на загубите на вода за пиење, додека финансиската корист се согледува во редуцирањето на трошоците во работењето на ЈП ,, Комуналец ,, преку намалување на испумпаната вода и намалување на трошоците за количчествата кои засега непотребно се губат.Надлежните се оптимисти дека со конечната реализација на сите фази од проектот ќе дојде до намалување на загубите на вода што е резултат на застарената водоводна мрежа, ќе се обезбеди поголем дотур на вода до домовите и стопанските субјекти и ќе се добие непрекинато снабдување со квалитетна вода за пиење.