Во градскиот Музеј презентиран „Златниот антички наод од Тремник“ PDF Печати
  Изложба на фотографии од ексклузивниот златен антички наод пронајден во археолошкиот локалитет "Орманков гроб", с.Тремник, општина Неготино, единствен на Балканот и пошироко, феноменален во изработката на филигранство и гранулација, презентиран во Келтен-Ромер Музеј во Манхинг-Германија, заедно со златната маска и нараквица од Охрид, вкупна тежина 1.018 гр., 22% каратно злато, датира од IV-III век п.н.е....Златниот антички наод се состои од две монети-статери: една на Филип II и Александар III, златен ѓердан составен од висулци во вид на лешник, два ѓердани составени од кружни алки со еден ред гранулации, медаљон со претстава на Посејдон, една тоалетна кутија (пиксида), ѓердан со кружни алки со три реда гранулација, четири фибули, четири цилиндри како завршетоци на ѓерданите и две палмети во срцевидна форма. Изложбата содржи 30 фотографии изработени на форекс, врамени, со димензии 100х70 цм., На фотографиите е претставен златниот антички наод во најразлични комбинации со објаснување и легенди напишани на македонски, англиски и француски јазик. Изложбата е практична и изработена да биде презентирана и пред други институции со што ќе се презентира археолошкото богатство и културното наследство од општина Неготино пред пошироката јавност. Особено сме благодарни што во присутните посетители беа двајцата сведоци кои присуствувале во археолошкото ископување и откривањето на овој ексклузивен наод од с.Тремник во 2008 година. Своето искуство и доживување од археолошкото ископување еден од сведоците го презентираше и раскажа пред присутните.
Денес овој златен антички наод се наоѓа во НУ Археолошки Музеј на РСМ во Скопје!
Изложбата е финансирана од страна на министерството за култура како проект од национален интерес за 2021 година!
Настанот беше збогатен со убави класични композиции како “Дојранка“ од Трајко Прокопиев и др., изведени на клавир и флејта од страна на Емилија Кабранова Филипова и Силвана Чулева Атанасова.