Изложба на фосилни остатоци од слонови од пред 8 милиони години од с.Долни Дисан, Неготино PDF Печати
    Општинската установа Музеј на град Неготино во соработка со Националната Установа Природонаучен Музеј на Македонија организираа Изложба насловена 8 MEGA ANNA - 8 МИЛИОНИ ГОДИНИ во изложбениот салон на Музеј на град Неготино. На изложбата се поставени 40 професионални документарни фотографии во црно-бела техника изработени од Александар Гаревски, од петгодишното истражување во село Долни Дисан, од страна на палеонтолозите од Природонаучен музеј на Македонија и палеонтолози од Природонаучен музеј од Софија, Република Бугарија. Освен фотографии, изложени се и предмети, односно коски, заби и слично од слонови-мастодонт, носорог, газела, мајмун и друго. На изложбата беа присутни и претставници од Природонаучен музеј Биљана Гаревска, виш кустос, Билјана Карамачоска – кустос и Ивица Заркадов – лаборант од одделението за геологија и палеонтологија. На отварањето Гаревска појасни дека ова е прва тематска, палеонтолошка изложба во оваа општина, во која е претставено природното фосилно богатство од селото Долни Дисан.
„Сево ова има воспитно-образовен карактер, запознавање одблизу со една ретка фосилна мега фауна, карактеристична за Балканот. Фосилниот материјал е од пет различни видови на фосилни слонови кои првпат се среќаваат на еден ист локалитет, потоа носорози, џиновски мрзливци, антилопи, газели, мајмуни и друго“, нагласи Гаревска, изразувајќи посебна благодарност до општината и Музејот и особено до семејствата Ташеви и Нојкови, кои им биле поддршка на терен.
Изложбата е посветена на професорот д-р Ристо Гаревски, кој поголемиот дел од својот живот го посвети токму на палеонтологијата и нејзиното афирмирање во светот на науката и културата.
Изложбата ќе биде поставена во Музеј на град Неготино до 04 ноември 2019 година.