Во ООУ„Гоце Делчев“ се спроведе проектот „Вело училиште“ PDF Печати
    По повод одбележувањето на Европската недела на мобилност, а во рамките на спроведувањето на проектот „Вело училиште“, во ООУ„Гоце Делчев“ од Неготино се одржа настанот Вело родео со цел за развивање на вештините и способностите за безбедно возење велосипед. Имено, Вело родео е настан од отворен карактер на кој денеска учество зедоа сите заинтересирани ученици од училиштето „Гоце Делчев“ од 4-то до 9-то одделение кои притоа демонстрираа возење велосипед, а исто така активно и едукативно се забавуваа преку подготвените едукативни игри како Не лути се човече во реална големина, сложувалки, Вело меморија, Еко квиз и голем број на други активности. Како што истакнаа организаторите, настанот Вело родео овозможува учениците преку игра, забава и едукација да ја пренесат пораката за придобивките од возење велосипед како баланс, безбедност, сигнализација, контрола, тргнување, забрзување и запирање. Учениците од неготинското основно училиште денеска ја искористија можноста на дело да ги покажат своите вештини преку полигонско возење со пречки, возење во круг, како и возење по даски и пречки. Заинтересираните ученици од  1-во до 9-то одделение во рамките на овој проект имаа можност со свои творби и дела да учествуваат на отворениот и јавен литературен и ликовен конкурс кој е во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност.