Ученици од Пепелиште се запознаа со функционирањето на општина Неготино PDF Печати

   Во рамките на одвивањето на практичната настава по предметот општество, ученици од прво до петто оделение кои наставата ја следат во подрачното училиште во Пепелиште денеска заедно со своите наставници беа во посета на општина Неготино и се запознаваа со функционирање на органите и телата на локалната самоуправа. Нивниот престој започна со посета на салата за состаноци на општината каде што секретарот на општина Неготино Ивица Златковиќ подетално ги информираше за работењето на градоначалникот Тони Делков, советниците во Советот на општината и локалната администрација, начинот на раководење со општината, донесувањето на одлуки и решенија, изборот на градоначалник и советници, времетраењето на мандатот на истите, нивните права и обврски и слично. Активно учество зедоа и присутните ученици кои ги презентираа сопствените познавања за функционирањето на општината научени по предметот општество, а за се она што им беше непознато, подетални појаснувања добија од секретарот Златковиќ. Учениците од Пепелиште го посетија и кабинетот на градоначалникот на општина Неготино Тони Делков, а исто така извршија посета и на Музејот на град Неготино и Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ од нашиот град.