Првоаприлска забава под маски на плоштадот во Неготино PDF Печати

   Со забавна програма која содржеше музичко-забавни изведби од страна на деца  и ученици на градскиот плоштад во нашиот град и маскенбалското дефиле кое се одвиваше по улиците низ градот, во Неготино денеска се одржа традиционалната манифестација „Маскенбал 2019г.“. Истата општина Неготино ја организираше во соработка со воспитно-образовните установи, вработените, учениците и нашите најмлади сограѓани. Во рамките на маскенбалското дефиле своите поединечни и групни маски ги презентираа дечињата од клоновите Мајски цвет и Пролет во склоп на детската градинка Фемо Кулаков од Неготино, ученици од основните училишта Гоце Делчев и Страшо Пинџур и средното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“. Дефилето се одвиваше  по главните улици Маршал Тито и Партизанска со пристигнување на плоштадот од повеќе правци. Учесниците на маскенбалот и многубројните посетители кои беа присутни и го следеа дефилето, имаа можност да уживаат и во забавната програма во изведба на ученици од основните и средното училиште кои се претставија со музички перформанси, хумористични точки и денс изведби,а свој настап имаа и дечињата од двата клона на неготинската градинка.