Реализирана еколошка акција „Сите за почисто Неготино“ PDF Печати
   Стотина љубители на природата и чистата и здрава животна средина во саботата се вклучија во еколошката акција насловена „Сите за почисто Неготино“. Настанот се одржа во организација на Спортско планинарското друштво „Неготино“ во соработка со ООУ„Страшо Пинџур“, општина Неготино и ЈП„Комуналец“ и истиот започна во раните утрински часови. Акцијата беше со цел да се собере отпадот кој се наоѓаше на несоодветни места за тоа и да се исчисти околината во која сите ние се движиме и живееме, а воедно и да се даде придонес во развојот на свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот, како и развивање на механизми за поддршка во справувањето со проблемот околу неорганизираното и неконтролирано фрлање на отпадот. Учесниците во акцијата „Сите за почисто Неготино“ го расчистуваа просторот кај паркот во близина на Музејот, главните улици „Маршал Тито“ и „Партизанска“, како и кругот на СРЦ Младост. По завршувањето на активностите, екипи на Комуналец со соодветни возила собраниот отпад го транспортираа во градската депонија, а организаторите најавија одржување на вакви и слични акции и во наредниот период.