ЈАВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ PDF Печати

   Официјално стартуваше примената на Законот за постапување со бесправно изградените објекти со што е создадена законска можност за отпочнување на процесот на легализација на дивоградбите. За таа цел, во Неготино се одржа јавна презентација на која министерот за транспорт и врски при Владата на РМ Миле Јанакиески изврши претставување на најважните делови од овој закон, истакнувајќи дека барањата за легализација ќе може да се поднесуваат до септември, а сопствениците на индивидуални дивоградби за да добијат легитимен статус за објектот, ќе треба до општината да достават три документи и да платат по едно евро за квадрат.


    На граѓаните, за да може да ги легализираат куќите по едно евро за квадрат, им се потребни само три документи – уверение за државјанство или копија од лична карта, доказ за приклучок на комуналната инфраструктура или сметки за јавни услуги и геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на објектот со имотен лист. Доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, потребна е изјава заверена на нотар која треба да биде дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот потврдува дека бесправниот објект е изграден пред стапувањето во сила на овој закон.
    Општината е должна да утврди дали се исполнети условите за вклопување на бесправниот објект во урбанистичкиот план. Доколку условите се исполнети, тогаш се издава урбанистистичка согласност, а  во спротивно се донесува решение со кое барањето се одбива. Објектите кои нема да добијат правен статус со овој закон ќе бидат третирани согласно одредбите од Законот за градење и истите ќе бидат отстранети од страна на надлежните инспекциски служби.