Во Неготино бројни активности по повод Денот на Европската соработка PDF Печати

  Облечени во маички обезбедени од Министерството за локална самоуправа со логото „Заедно ја сликаме иднината“, стотина учесници од општина Неготино годинава по 7-ми пат со бројни активности спроведени на различни локациии на отворен простор со поддршка на ИНТЕРЕЕГ-ИПА-ЦБЦ програмата и Министерството за локална самоуправа го одбележаа „Денот на Европската соработка“. Активностите започнаа на поставените промотивни штандови пред општина Неготино со дистрибуирање на флаери со информации за достапните фондови на ЕУ во различни области и делење на разни промотивни материјали од предходно реализирани проекти од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција, а паралелно работници на ЈКП„Комуналец“ во паркот до зградата на локалната самоуправа и централното градско подрачје ја спроведоа еколошката акција „Заедно до почист град“. Под мотото „Пееме за Европа“ мобилната пеачка група од ООУ„Гоце Делчев“ имаше свои изведби во дворот на училиштето, а настап имаа и пред зградата на општина Неготино, Здружението „Порака“ и СОУ„Св. Кирил и Методиј“. Групата пак од неготинската гимназија настапи со изведба на интересна кратка кореографија со песни на македонски и англиски јазик и сликаа во дворот на училиштето под мотото „Креативност до Европска соработка“. Денот на Европската соработка се одбележа и во Здружението на лица со посебни потреби „Порака“ со организирање на креативна работилница на ракотворби, при што исто како и учесниците во гимназијата и тие беа посетени од мобилната пеачка група од ООУ„Гоце Делчев“. Пчеларското здружение „Неготински мед“ водејќи се под мотото „Преку соработка до развиено пчеларство со Европски стандарди“ изведе практична примена на мобилна показна опрема за пчеларство на две локации- во просториите на Здружението и во пчелниот парк во село Вешје. Настанот кој беше од отворен карактер  и се спроведе во периодот од 10 до 12 часот беше проследен од голем број заинтересирани граѓани од општина Неготино.