Со 4,6 милиони евра се модернизира трафостаницата Дуброво-Неготино PDF Print
There are no translations available.

   МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Дуброво“ при што ќе биде заменета со нова опрема што е во функција од 1977 година до сега. По тој повод во работна посета на „Дуброво“ беа: министерот Горан Сугарески, Сашо Василевски - генералниот директор и претседател на Управниот одбор, и Сашо Стефановски и Борко Алексоски, членови на Управниот одбор на МЕПСО. Овој комплексен проект опфаќа замена на примарна опрема (прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори) како и ревитализација на секундарната опрема на 400 kV и на 110 kV напонско ниво која вклучува: испорака и инсталација на системи за релејна заштита, далечински надзор и за управување како и системи за AC/DC развод и нов систем за мерење електрична енергија. Министерот Сугарески истакна дека овој комплексен проект означува почеток на голем инвестициски циклус во електроенергетскиот сектор во вредност од преку 70 милиони евра. Трансформаторската станица „Дуброво“ од системски аспект е еден од најважните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем затоа што го поврзува најголемиот производствен капацитет РЕК „Битола“ со најголемиот конзумен регион Скопје. Во оваа трансформаторска станица се вмрежуваат и интерконективните 400 киловолтни далекуводи кои нашиот систем го поврзуваат со електропреносните системи на Република Бугарија и на Република Грција.