Апел до моторизираните граѓани од општина Неготино PDF Print
There are no translations available.

   Во пресрет на започнувањето на одржувањето на 3-дневната стопанско-туристичка манифестација „Неготински панаѓур-2018г.“ најголема и најпосетена во Република Македонија и со традиција подолга од 6 децении, од локалната самоуправа Неготино се апелира до граѓаните на неготинска општина доколку тоа не е неопходно, во деновите од панаѓурот да не излегуваат со своите возила. Ова од причина што годинава панаѓурот се одржува во деновите од викендот и се очекува масовна посетеност на граѓани од други општини од нашата држава, па со цел да бидеме добри домаќини на овој настан, потребно е да ослободиме простор за паркирање на возилата на посетителите што ќе доаѓаат од страна. Општо познато е дека Неготино со години наназад се соочува со проблемот од недостиг на паркинг-простор, проблем кој за актуелното општинско раководство е еден од приоритетите за решавање и надминување на актуелните состојби, па токму затоа се замолуваат граѓаните во наредните 3 дена да се воздржат од излегување со автомобили. Исто така, се информираат граѓаните, од вечерва (четврток) па се до завршувањето на панаѓурот во недела, да не ги паркираат своите возила долж улиците Јане Сандански, Ацо Аџи Илов и на градскиот пазар, односно во централното градско подрачје. Имајќи предвид дека деновите од панаѓурот се денови за другарување, забава и релаксација, се апелира до граѓаните на Неготино уште еднаш, како и многупати до сега, на дело да ја демонстрираат својата гостопримливост и да дадат сопствен придонес општина Неготино да биде добар домаќин и добар организатор на годинашниот Неготински панаѓур. Од име на локалната самоуправа, на сите граѓани од неготинска и од соседните општини, како и на сите посетители кои ќе присуствуваат во нашиот град, им посакуваме да поминат пријатни моменти за времетраењето на Неготинскиот панаѓур и престојот во Неготино.