ОДБЕЛЕЖАН ПРАЗНИКОТ ,, СВЕТИ ТРИФУН ,, PDF Печати

   Во присуство на голем број граѓани, на градскиот плоштад во Неготино и годинава, по 11-ти пат, беше организирана прослава во чест на  верскиот празник ,, Свети Трифун,, - заштитникот на лозарите и винарите. Со желби оваа година лозовите насади да дадат богат и квалитетен род, а производителите навреме да си ги добијат чесно заработените пари, обредниот чин на симболично закројување на виновата лоза го изврши заменик – претседателот на Владата на РМ и министер за финансии Зоран Ставревски, а пригодно обраќање пред присутните имаше и домаќинот на прославата – градоначалникот на општина Неготино Пане Трајков. Во продолжение од програмата министерот на земјоделство Љупчо Димовски, вицепремиерот Зоран Ставревски и евроамбасадорот Ерван Фуере на најуспешните индивидуални производители на ракија, бели и црвени вина има доделија пригодни награди, а како посебна атракција беше претставувањето и дегустирањето на ,, Најголемата неготинска пита ,, долга 20 метри и широка 40 сантиметри направена во фурната на приватната компанија Јадран, сето тоа пропратено со богата културно – уметничка програма.

    Инаку, во рамките на манифестацијата ,, Недела на виното ,, се одржаа две предавања за заштита и ѓубрење на виновата лоза, беше претставен начинот на користење на средства од ИПАРД програмата на ЕУ, се одржа јавна презентација на проектот ,, Креирање на мрежа за Европска винска традиција, култура и експертиза ,, од програмата ,, Европа за граѓаните ,, како и повеќе културни настани. Во Туристичкиот информативен центар ,, Желкова куќа ,, беше отворен мини – саем на вино, а се изврши и дегустација на вина и ракии од индивидуални производители од општина Неготино.