Во ООУ„Гоце Делчев“ подготвено дочекана новата учебна година PDF Печати

   „Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ од Неготино и подрачните училишта кои делуваат во негов состав подготвено го дочекаа почетокот на новата учебна година и со сите создадени неопходни услови за квалитетно одвивање на воспитно-образовниот процес“-информираше директорот на оваа образовна установа Петар Мантев. Првачињата кои безгрижните игри кои беа составен дел од нивниот живот ги заменија со книги и учење на нови работи, заедно со нивните најблиски, беа дочекани со пригодна програма и топло добредојде, а директорот Мантев успешна учебна година им посака на сите кои своето образование го стекнуваат во ова училиште. Мантев информираше дека во текот на летниот период во ООУ„Гоце Делчев“ беа реализирани повеќе активности за подготвено дочекување на учебната година, меѓу кои извршена реконструкција на подовите во училниците каде што се сместени првачињата, потоа подовите во кабинетите по ликовно и техничко образование, извршено е обелување на ходниците во училиштето и во спортската сала, а комплетно е реновирана и наставничката канцеларија. Исто така, отстранети се и одредени недостатоци, а паралелно во тек се активности на надворешниот спортски терен со поставување на нова подлога на истиот.