Претставен проектот „На секое дете му треба семејство“ PDF Печати

   „Би сакал да потенцирам дека ја имате мојата целосна поддршка за спроведување на овој проект, прво како човек и родител, а потоа и како градоначалник, бидејќи Вашата цел е навистина хумана-да ги информирате и стимулирате граѓаните кои сакаат да згрижат едно од 200 деца во Македонија кои чекаат да добијат свое семејство“-истакна градоначалникот на општина Неготино Тони Делков во рамките на претставувањето на проектот „На секое дете му треба семејство“ што во организација на Министерството за труд и социјална политика и Уницеф се одржа во нашиот град. Делков додаде дека целта на кампањата покрај обезбедувањето нови згрижувачки семејства е и паралелно да се подигнува свеста на јавноста дека секое дете има право да расте опкружено со неопходната грижа, нега и поддршка, бидејќи има голема разлика меѓу престој во семеен дом и во голема институција. На настанот беа претставени и условите за семејствата кои сакаат да згрижат деца со напомена дека семејството може да се грижи за детето до негова 18-годишна возраст, колку што дозволува законот за згрижувачки семејства. Претставникот на Уницеф Бенџамин Перкс и претставниците на МТСП потенцираа дека преку оваа кампања сакаат да допрат до секое семејство кое има искрена желба и мотивација да пружат грижа на дете на кое истата му е потребна, како што се децата без родители и родителска грижа, деца со попреченост, бебиња, деца жртви на насилство,а притоа ниту едно дете да не остане сместено во голема институција.