Спортисти и спортски работници на средба со градоначалникот Делков PDF Печати

   Со единствена цел за размена на предлози, мислења и идеи како до подобар и поквалитетен спорт во општина Негоино, на негова покана, градоначалникот на општина Неготино Тони Делков оствари работна средба со спортисти и спортски работници од општината кои со своите искуства и сугестии можат да придонесат за развој на неготинскиот спорт. На средбата присуствуваа спортисти со интернационални кариери кои со своите спортски постигнувања придонесле за нивна лична афирмација, но и за афирмација и на општина Неготино и Република Македонија, спортисти пред кои престои перспективна иднина и спортски работници кои се на чело на клубовите од нашата општина. Градоначалникот Делков истакна дека локалната самоуправа работи на создавање  услови за непречено одвивање на спортски и рекреативни активности, со интенција преку ваквите средби да се проектираат идните активности за развој на спортот, да се обезбедат примарни услови за спортување, да се насочат младите повеќе внимание да посветуваат на спортувањето и рекреирањето и пред се да се разгледаат можностите за инвестирање во колективните и поединечните спортови. Токму затоа, Делков апелираше до сите присутни да се произнесат со сопствени предлози и идеи базирани на нивните искуства како да се унапреди спортот во општината, а се што како идеја е остварливо, ќе биде составен дел од годишната Програма за спорт на општина Неготино која вообичаено се донесува во текот на месец ноември.