Николовски: Винариите немаат залихи, заинтересирани се за 150 илјади тони грозје PDF Печати

    Винариите во Македонија немаат залихи, заинтересирани  се за откуп на 150 илјади тони грозје. Ова го изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на средбата со тиквешките лозари во Неготино. Тој изрази задоволство што годинава за разлика од минатото, навремено се одржуваат состаноци со лозарите и винарите, како впрочем и со другите земјоделци.
   - Во следниот период ќе разговараме заеднички и Министерството постојано ќе биде медијатор, ќе го води овој дијалог меѓу винарите и лозарите. Се со цел како и кај другите земјоделски производители, активно да ја следиме откупната сезона, но и како држава да реагираме во сите случаи каде што е потребно, рече Николовски во изјава за медиумите.   Нагласи дека Владата покажала дека постојано носи одлуки во интерес на лозарите.


   -Минатата година исплативме на почетокот заостанати субвенции од 2016 година, 10 проценти ги зголемивме субвенциите па наместо 40 илјади денари по хектар исплативме по 44 илјади. Имавме лоша година со мал род, но исто така покрај зголемувањето на субвенциите, за сите направивме и мерка за дополнителна поддршка од два денари по килограм. Но клучното  е што ги исплативме субвенциите заеднички со Платежната агенција на време. Најголем дел од средставта за лозарите се исплатени во декември и јануари,  вкупно над 745 милиони денари се исплатени за субвенциите по основ на хектар. Така и дополнителната поддршка која ја ветивме веќе е исплатена, над два милиони евра исто така се исплатени. Денеска во Неготино се исплатени и обесштетувањата, значи 25 милиони денари се легнати на сметките на лозарите во делот на она 10 процентно обесштетување потади штетите. Само денес и вчера околу милион и пол евра Платежната агенција исплати во делот на штетите насекаде низ Македонија, односно вкупно над 4 милиони евра, појасни министерот.   Притоа додаде дека оваа година во програмата се воведени и нови мерки. Сите производители кои имаат меѓу еден и десет хектари лозови насади ќе добијат 20 процентно зголемување на субвенциите, од 40 на 48 илјади денари. Ова е дел од мерките на новите развојни политики кои ги усвоивме на Влада и за кои обезбедивме дополнителни средства, да таа развојна категорија на земјоделци добијат зголемена поддршка. Со 12 илјади денари ќе се поддржуваат сите за промена на сортата на грозје. Затоа што, ако сакаме да се движиме кон Европска Унија и ако сакаме да ги отвораме странските пазари, мора да произведуваме барани производи, мора да се научиме да се менуваме, мора да создадеме модерно и конкурентно земјоделство. Мене ме радува и во делот на ИПАРД што за разлика од порано, оваа година имаме зголемено искористување на средства. Особено во лозарството, но и кај винарството со нови опреми и технологии, зголемување на производствените капацитети, рече Николовски.
На одржаната трибина со лозарите, тој соопшти дека годинава Министерството ќе ги објави производствените цени за килограм грозје. Информираше дека се вршат анализи и согледувања и нема да се дозволи повторно како и во минатото винарии да откупуваат, а да не го плаќаат откупеното грозје. Министерот беше дециден дека со успешни преговарања се успеало поранешните долгови на винарската визба “Повардарие” кон лозарите, од 4 милиони евра да се намалат на десет милиони денари.
  -Сега работна група работи на измени во законските одредби кои ја регулираат оваа проблематика. Тука сме да ги слушнеме сите согледувања. Може ќе се стават дополнителни инструменти со кои лзоарите би биле дополнително заштитени, нагласи Николовски.     На трибината беа и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, раководителот на подрачната единица на Министерството, директорот на подружницата на АД “Водостопанство”,  шефот на кабинетот на министерот ,директорот на Државниот Инспекторат  за земјоделство, градоначалникот Тони Делков, пратеници, претставници на институциите на локално ниво,соработници. Присутните земјоделци од регионот имаа можност да добијат одговор на нивните прашања.