Награди и признанија за учениците и менторите PDF Печати

   „Убавината на секое признание е во тоа што претставува награда за сработеното, но и мотив да се биде подобар во иднина, па токму затоа од ова место најавувам дека овој настан на наградување на учениците и нивните ментори ќе продолжи и во наредните години, а јас како градоначалник и општина Неготино секогаш ќе ги поддржуваме ваквите и слични проекти“-истакна градоначалникот на општина Неготино Тони Делков на синоќа одржаниот настан на кој на најдобрите ученици и нивните ментори од двете основни и средното училиште им беа доделени награди- ваучери. Градоначалникот Делков додаде дека почнувајќи од оваа година, општина Неготино за прв пат воведе вреднување и наградување на учениците, професорите и наставниците во неготинските училишта, бидејќи, како што рече Делков, со промоција на нивните успеси се презентира се она што се создава во образованието и училиштата и се стимулираат креативноста и богатството на знаењата на учениците. Градоначалникот упати јавна благодарност и до професорите и наставниците за кои рече дека со години инвестираат во образованието на учениците и имаат клучна улога во обезбедувањето квалитетно образование кое секој ученик го подготвува да го реализира својот потенцијал. На 40-тина ученици и нивните ментори од неготинските училишта Делков им додели пригодни награди,а присутните на градскиот плоштад имаа можност да уживаа и во богата културно-забавна програма во изведба и со учество на учениците од основните училишта „Страшо Пинџур“ и „Гоце Делчев“ и средното училиште „Св. Кирил и Методиј“.