До 28-ми јуни во Музејот на Неготино изложба на етнолошки предмети PDF Print
There are no translations available.

   Во Општинската установа Музеј на град Неготино е отворена “Изложба на етнолошки предмети“ која е дел од одобрените проекти од Министерствот за култура на РМ според националната програма за финансирање на проекти од национален интерес на Р.Македонија за 2018 година. Предметите кои што се изложени во изложбениот салон во музејот потекнуваат од почетокот на 18 до крајот на 20 век и се од селата од општина Неготино и тоа: Долни Дисан, Горни Дисан, Тремник, Војшанци, Бистренци, Тимјаник, Црвени Брегови, Курија, Пепелиште и секако од градот Неготино. Тие се собрани по пат на подарување, наоѓање и откуп при теренските истражувања на етнолошкото одделение во ОУ Музеј на град Неготино од 1996 г. па наваму. Концептот на изложбата е направен врз основа на материјалите од кои што се изработени предметите, односно во првиот дел се содржани предмети изработени од керамика, односно грнчарски предмети, потоа метални предмети, предмети изработени од дрво и текстил изработен и исткаен на разбој. Интерес предизвикуваат предметите како што се: макази - крклизи, соларник, пиралка, дрмон, вретена, фурки, народниот вез и други предмети кои што се употребувале како алатки за извршување на земјоделски работи, во домаќинството, алатки за обработка и изработка на текстил изработени од вештите раце на грнчарите, казанџиите и ткајачките украсени со посебна орнаментика и колорит. Сите предмети изложени во поставката се во сопственост на ОУ Музеј на град Неготино, валоризирани како збирка на етнолошки предмети со решение од Управата за заштита на културното наследство на РМ, која што претставува богато културно наследство кое треба да се негува и да се сочува од заборав. Изложбата е од јавен карактер, ќе биде поставена до 28 јуни и може секој љубител да ја посети и види.  Автор на изложбата е етнолог-виш кустос од ОУ Музеј на град Неготино, Драгица Чекорова, а ја отвори м-р Анита Ѓорѓиоска, етнолог виш кустос од Националната Установа Музеј Куманово.