Заложбата за почиста животна средина е приоритет во дејствувањето на општина Неготино PDF Печати

   Градоначалникот на општина Неготино Тони Делков, вработени во локалната администрација со асистенција на ЈП„Комуналец“ денеска спроведоа заедничка акција за отстранување на сметот и разубавување на градот во кој сите граѓани поминуваат најголем дел од своето време. Со работна рака и со помош на механизација од страна на учесниците во акцијата комплетно беше исчистен потегот на булеварот „Маршал Тито“ од двете страни од Полициската станица до надвозникот и просторот на влезот и излезот во и од Неготино, делот околу Спортско рекреативниот центар „Младост“, градскиот кеј, потегот кај бензинската станица и други локации. Градоначалникот Делков истакна дека ваквите акции му се потребни на Неготино и треба да се одржуваат почесто, со единствена цел да го разубавиме нашиот град во кој живееме и дејствуваме и да се избориме за почиста животна средина за сегашните и идните генерации граѓани на општината. Делков додаде дека локалната самоупорава е во секој момент подготвена не само да се вклучи во ваквите и слични акции за расчистување на градот, туку и да даде секаков вид поддршка за сите заинтересирани кои сакаат да дадат сопствен придонес за создавање услови за здрав живот на сите граѓани, како еден од најважните приоритети во дејствувањето на локалната самоуправа.