Министерот Алаѓозовски и градоначалникот Делков во Д.Дисан го посетија уникатното палеонтолошко откритие PDF Print
There are no translations available.

   Фосилните остатоци од скелет на слон кој по својата старост живеел пред 8 милиони години и досега непознат за науката откриен во близина на селото Долни Дисан, ја ставија Република Македонија и општина Неготино на светската археолошка карта. Уникатното палеонтолошко откритие во неготинска општина денеска го посетија министерот за култура во Владата на РМ Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на општина Неготино Тони Делков, пратеникот од нашата општина во Собранието на РМ Ристе Ташев и стручни лица кои на лице место имаа можност да се запознаат и да ги погледнат фосилните остатоци од изумрен вид на слон. Она што ова археолошко откритие го прави посебно е фактот што, според зборовите на стручниот тим, се работи за наод со големо научно значење, бидејќи фосилни остатоци од овој вид слон се најдени на повеќе локалитети во Македонија и Евроазија, но комплетен скелет како овој во Долни Дисан досега не и е познат на научната јавност. Алаѓозовски и Делков од претставници на Природнонаучниот музеј на Македонија и Природнонаучниот музеј на Бугарија кои работат на терен, беа информирани дека со ископување на фосилните остатоци на изумрениот слон е започнато на 20 април 2018 година и прелиминарно неговата старост се проценува на околу 8 милиони години. Министерот Алаѓозовски истакна дека со помош на Министерството за култура преку програмата за музејска дејност стручен тим во деновите што престојат ќе ги колекционираат ископаните остатоци, а во блиска иднина фосилните коски ќе бидат конзервирани и претставени на домашната и меѓународната јавност преку соодветно изложување во просториите на Музејот.