Театарската комедија “Бегај еве ја жена ти” во четврток (29 март) во Неготино PDF Печати

   Синоќа (26 март) во преполната сала на НУ Центар за култура “Ацо Ѓорчев” во Неготино актерите од кавадаречкиот театар “Иван Мазов Климе” ја одиграа урнебесната комедија “Стјуардеси” и до солзи ја насмеаа неготинската публика, во рамки на прославата на Светскиот ден на театарот 27 март. Инаку, пред одличната изведба на сцената на Центарот за култура “Ацо Ѓорчев” во Неготино, претставата „Стјуардеси“ на кавадаречкиот театар забележа осум распродадени репризи на матичната сцена во Кавадарци и повеќе успешни гостувања меѓу кои позначајни се изведбите во Гостивар и во Скопје (во Дом на АРМ).
Театарската недела во Неготино продолжува во четврток (29 март) со претставата “Бегај еве ја жена ти 2” во режија на еминентното име на македонската театарска сцена Коле Ангеловски, а во изведба на кумановскиот театар “Трајко Прокопиев”. Почетокот на претставата е закажан за во 20.00 часот, а билетите за претставата по цена од 50 денари можат да се набават на билетарата во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев”.
Двете претстави се финансирани од општина Неготино, со цел нашиот град да биде дел од глобалната прослава на Светскиот ден на театарот, кој што оваа година масовно се одбележува насекаде во светот.