Делков: Масовно присуство и квалитетни предлози на средбите со граѓаните од општината PDF Печати

   „Граѓаните се тие кои најдобро ги познаваат проблемите во нивното село, урбана заедница, населба, маало, улица и слично и токму со цел да го слушнеме нивното мислење ги организиравме средбите со жителите на месните заедници во селата и 9-те урбани заедници во градот. Наидовме на одличен прием, масовно присуство на средбите и слушнавме квалитетни и конструктивни предлози, мислења и забелешки. Тоа пак, верувам дека ќе придонесе за јакнење на довербата на релација градоначалник-Совет на општина-локална администрација-граѓани на општина Неготино“-истакна во изјава за медиумите градоначалникот на општина Неготино Тони Делков по завршување на сите предвидени средби. Според градоначалникот, граѓаните најголем интерес пројавиле за решавање на проблемот со водоснабдувањето, уредување на патната инфраструктура, подобрување на комуналната хигиена во градот и населените места, уличното осветлување, а неизбежни се и индивидуалните барања од граѓаните за решавање на одреден проблем. Според Делков, сите предлози ќе бидат разгледани и анализирани и дел од нив ќе се најдат во годишната Програма за работа на општина Неготино и општинскиот Буџет за наредната 2018-та година, додавајќи уште еднаш дека ваквите средби ќе бидат правило, а не исклучок.