,, МУЛТИМЕДИЈАЛНА КУЛТУРНА ВЕЧЕР – НЕГОТИНО 2010г. ,, PDF Печати

     Дојдоа. Настапија. Одушевија. Вака накратко може да се опише настапот на членовите на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија ,, Танец ,, кој шест децении е подвижен музеј на она најубавото, исконското и непроценливо македонско фолклорно богатство кое претставува историја и идентитет на Македонецот. Дел од она со кое Ансамблот во своето 60 – годишно постоење го има презентирано на одржаните над 3.500 концерти и кое имале можност да го видат над 8 милиони посетители во светот, беше презентирано и пред граѓаните на општина Неготино во рамките на одржувањето на веќе традиционалната  Мултимедијална културна вечер – Неготино 2010 г. која во пресрет и во чест на верскиот празник Мала Богородица и Неготинскиот панаѓур се реализираше на градскиот плоштад во нашиот град.


     Годинава, централниот дел на вечерта беше во знак на настапот на најпознатиот ансамбл за народни песни и игри - ,, Танец ,, од Скопје – име кое повеќе од шест децении е симбол на македонската култура и уметност, како и амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво во светски рамки. Инаку, Танец е формиран во далечната 1949 г. како потреба на македонската култура да го собира, негува и обработува македонското фолклорно богатство – орото, песните, инструментите, богатите и оригинални народни носии и да го презентира во земјава и надвор од неа преку приредби од областа на културата.
     Останатиот дел од програмата беше наменет за помладата публика, па така на задоволство на посетителите свој настап имаа членовите на балетските групи Ла пиовра, Ангели и Вави – денс, а своите стари нови музички хитови ги претстави и Балканската музичка sвезда – нашиот сограѓанин Александар Белов. Генерални покровители на овогодишната ,, Мултимедијална културна вечер ,, беа градоначалникот на општина Неготино Пане Трајков и Советот на општината.