Ацо Тренев победник на турнирот во табла “Неготино опен 2017” PDF Печати

   Заврши деветиот по ред традиционален турнир во табла, кој и оваа година беше дел од програмата организирана по повод одбележувањето на Денот на градот – 8ми Ноември. На турнирот учество зедоа шеесетина таблаџии претежно од помладата генерација, кои на тридневниот турнир одиграа интересни партии, а најдобрите по систем на елиминација дојдоа до завршницата. Победник на турнирот е Ацо Тренев на кој по првпат му појде од рака да го освои овој масовен турнир, иако е редовен учесник на истиот изминатите години. За постигнатиот резултат победникот доби диплома и парична награда од 8.000 денари, додека поразениот во исклучително интересното финале, вицешампионот на турнирот Марјан Ристов доби диплома и парична награда од 5.000 денари. Третопласиран на турнирот е Наум Илиевски, кој во малото финале го совлада Александар Миладинов и на тој начин се стекна со диплома за трето место и заработи парична награда од 2.000 денари. Покрај наградите за најдобрите тројца учесници беа доделени и благодарници за учество турнирот.