Се состана координативното тело за управување со кризи PDF Печати

  На иницијатива на градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, а по најавите на метеоролозите за обилни врнежи од снег и присуство на екстремно ниски температури, денеска се одржа координативен состанок на Управното тело за справување со временски непогоди. На состанокот присуствуваа и активно учество во расправа зедоа претставниците на Полициска станица Неготино, Црвениот крст, Центарот за управување со кризи, Центарот за социјална работа, Дирекцијата за заштита и спасување, Јавното претпријатие Комуналец, претставници на фирмата Павер-трејд со која општина Неготино има склучено договор за одржување на улиците и патиштата во зимски услови, како и вработени во локалната администрација. На состанокот беа утврдени мерките и активностите што секоја установа посебно во рамките на своите надлежности треба да ги преземе во услови на присуство на временски непогоди какви што се најавуваат за наредните денови, со цел за благовремено интервенирање за санирање на состојбите на терен. Градоначалникот Апостолов информираше дека општина Неготино има набавено 20 тони ризла и 5 тони сол кои заедно со расположливата механизација се очекува да бидат доволни за интервенирање на терен и расчистување на улиците и патиштата. Надлежните од Одделението за комунални дејности упатија апел до граѓаните на општина Неготино доколку се остварат очекувањата за обилни врнежи од снег, а согласно законските обврски во случај на временска непогода, дека се должни самоиницијативно да преземат активности за расчистување на снегот пред своите домови и деловно стопански објекти. Исто така, се сугерира возилата да не се паркираат по коловозите и тротоарите, со цел да не се јавуваат проблеми при чистењето на снегот од страна на надлежните служби.